Промовирани петте дуќани во Ајдучка чаршија

Денеска како што беше најавено во посета на нашата општина беше Министерката за култура која во старата Ајдучка чаршија ги промовира 5 – те дуќани кои наскоро ќе бидат во функција, од кои еден од нив ќе биде сувенирница. Министерката најави дека со проектот идната година ќе бидат обновени и други објекти со амбиентална градба, ќе продолжи и заштита на кулите и мостовите по кои градот е препознатлив, ќе се истражуваат и тунелите а во трета фаза е реставрација и конзервација на црквата „Св.Јован Крстител“.

Министерката Елизабета Канческа – Милевска информираше дека е изработен закон за прогласување на старото градско јадро во Кратово за културно наследство од особено значење,Законот е во процедура во Владата а се очекува дека до крајот на јули ќе помине и во Собрание.

Во соработка со нашата општина ќе се истражуваат и подземните ходници (тунели) во градот, кои се поврзани со кулите во градот – Симеќева кула, Златкова, Саат кулата, Крстева и Емин – беговата кула.

На посетата беше присутен и директорот на Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) Виктор Лилчиќ кој додаде дека тунелите се атракција во градот, зашто во Македонија се реткост односно ги има само во Штип и во Тетово.

Во градот во тек е и реставрација и конзервација на фреските во црквата „Св.Јован Крстител“. Фреските датираат од 19 век, во 1921 година биле покриени со варов малтре и лак, а дел од нив со нов слој на живопис. Сега се работи на чистење на слоевите и откривање на првобитните фрески. Според ктиторскиот натпис, црквата датира од 1836 год. но се претпоставува дека е постара.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin