Одбележување на 63 годишнината од смртта на Павел Шатев

Општина Кратово во соработка со Музеј на град Кратово Ве поканува на 63 годишнината од смртта на нашиот револуционер, национален деец и прв министер за правда , Павел Шатев. По тој повод на 29.01.2014 година(среда) во 12.00 часот ќе се отслужи Панихида пред неговиот споменик во Кратово проследена со литературно читање, додека од 12.30 часот закажана е промоција на деветте тома од пишаната оставнина на Павел Шатев, кои неодамна ги објавија Друштвото за издавачка дејност ,,Македонска литера,, и Државниот архив на Република Македонија.

Преводот е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски. Оставнината на Павел Шатев во најголем дел досега воопшто не беше објавена , а освен неа во деветте тома е вклучен обемен фонд на документи поврзани со неговиот живот и со неговата дејност. Деветте тома: ,,Историја на Македонија,, , ,,Борис Сарафов(биографија),, , ,,Спомени,, , ,, Полициско досие (досие УДБА),, , ,,Записи за нацијата и државата,, , ,,Македонија и балканскиот проблем,, , ,,Македонија под ропство,, ,  ,,Документи,, и ,,Заточението во Сахара-Фезан,, , ќе ги претстават проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.

Денот на промоцијата во родниот град Кратово се совпаѓа со денот на смртта на Павел Шатев- 29 јануари.

Павел Шатев(15 јули 1882, Кратово- 29 јануари 1951,Битола) е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци , политичари и државници.Тој е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководтсвото на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО(Обединета); по ослободувањето на Македонија се вклучува во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.

Во 1948 година Павел Шатев бил сменет од сите политички функции и поставен за советник , а при крајот на истата година пензиониран.На 16 јуни 1949 година, како сојузен пратеник, бил уапсен во Загреб, кога по седницата на Народното собрание во Белград отишол кај своето семејство, кое тогаш живеело во овој град.Веднаш потоа, Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НР Макеоднија на 27 јуни 1949 година донесло решение за одземање на пратеничкиот имунитет и предлог за ,,покренување на кривична постапка,,.Потоа, 11 месеци бил држен во истражен затвор во Скопје, обвинет од раководството на македонската политичка и партиска власт како ,,потенционален непријател,, заради соработката со Советскиот Сојуз и за контактите што ги имал со бугарската амбасада во Белград.

Павел Шатев спаѓа меѓу ретките македонски револуционери, политичари и дражавници од постарата генерација, кој ги преживеа сите премрежиња и македонската ослободителна борба. Неговиот животен сон се оствари со ослободувањето на Македонија и создавањето на македонската држава, давајќи и свој печат во нејзината изградба. Но,токму во слободната татковина, трагично ќе го заврши својот живот, со апсење, затварање, сослушување и интернирање во домашен притвор. По преживеаните две смртни казни од други држави (Османлиската Империја и Бугарија) , смртта ќе го снајде по тортурата од државата за која се бореше и поради што беше осудуван на смрт. Во нехумани и неподносливи услови за живеење , во руинирана зграда, Павел Шатев се разболел и умрел во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година. Бил погребан на 30 јануари , на гробиштата кај црквата Св.Недела во Битола, во организацијата на Службата за државна безбедност, во присуство на неговата сопруга, која дошла од Загреб, и само на неколкумина негови пријатели.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin