Врз основа член 42 од Законот за средно образование (Службен весник на Република Македонија 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 16/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013,41/2014, 116/2014,135/2014,10/2014, 98/2015,145/2015) член 30 и 31 од Статутот на средното општинско училиште Митко Пенџуклиски Кратово и Конкурсот на Министерството за образование и наука од март 2016 година за запишување ученици во јавните средни учлишта во учебната 2016/17 година во Република Македонија, Училишната комисија за запишувaње ученици во средното општинско училиште Митко Пенџуклиски Кратово , објавува
Оглас за запишување ученици во прва година во СОУ „Митко Пенџуклиски“ Кратово во учебната 2016/17 година
Запишувањето на учениците се врши согласно условите и начинот утврдени со Законот за средно образование, Законот за стручно образование и обука и Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта од месец март 2016 година.
I. Во СОУ „Митко Пенџуклиски“ од Кратово во учебната 2016/2017 година ќе се запишат 136 ученици во 4 паралелки и тоа:
- Во гимназиско образование ќе запишат 68 ученици во две паралелки.
- Во стручно образование Хемиско – технолошка струка, прехранбен техничар со четиригодишно траење ќе се запишат 34 ученици во една паралелка.
- Во стручно образование Угостителско – туристичка струка, угостителски техничар за рурален туризам со четиригодишно траење ќе се запишат 34 ученици во една паралелка.
II. Услови за запишување на учениците се:
- да има завршено основно образование;
- да не се постари од 17 години;
- да се определиле за Програмите од гимназиско или стручно образование;
- да ги исполнуваат критериумите согласно огласот.
Учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат ако имаат до 10 % (десет) проценти помалку поени од бројот на поените предвидени согласно Конкурсот.
III. Потребни документи за запишување
При пријавувањето учениците треба да ги поднесат следните документи:
- пријава за запишување ученици во прва година која ја подигнуваат од училиштето (бесплатна);
- оригинални свидетелства од VI до IX одделение;
- извод од матична книга на родените (без оглед на датумот на издавањето, оригинал или фотокопија заверена на нотар).
IV. Рокови за запишување
Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока: Јунски и Августовски, со две пријавувања за јунскиот и едно пријавување за августовскиот уписен рок.
Првото пријавување и запишување во Јунскиот уписен рок се врши на 28 и 29 Јуни 2016 година, а резултати од запишувањето и слободните места ќе се објават на 30 Јуни 2016 година.
Квалификационото тестирање ќе се организира на 1 Јули 2016 година, а резултатите ќе се објават на 2 Јули 2016 година на огласна табла.
Второто пријавување и запишување на ученици ќе се врши на 4 Јули 2016 година, а резултати од запишувањето и слободните места ќе се објават на 6 Јули 2016 година.
Пријавувањето во Августовскиот уписен рок се врши на 24 Август 2016 година, а резултати од запишувањето и слободните места ќе се објават на 25 Август 2016 година.
V. Критериум за избор
Изборот на учениците се врши според следните критериуми:
- среден успех на учениците од VI до IX одделение;
- среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје);
- средна вредност од поени добиени за поведение.
Значајни предмети за гимназиско образование се математика и историја.
Значајни предмети за Стручно образование – Хемиско-технолошка струка-прехранбрен техничар се хемија и математика.
Значајни предмети за Стручно образование – Угостителско – туристичка струка, угостителски техничар за рурален туризам се биологија и географија.
VI. Утврдени минимум поени
- Гимназиско образование ……. 60 поени;
- Стручно образование, Хемиско-технолошка струка – прехранбрен техничар со четиригодишно траење …… 45 поени;
- Стручно образование, Угостителско-туристичка струка, Угостителски техничар за рурален туризам со четиригодишно траење …….. 45 поени;
Учениците кои ја повторувале I (прва) година задолжително се запишуваат во првиот уписен рок.
Учениците по сите критериуми можат да добијат најмногу 80 поени и тоа:
- среден успех од шесто до деветто одделение најмногу 50 поени;
- среден успех од четирите наставни предмети најмногу 20 поени;
(по пет поени за секој предмет) – за освоено место од меѓународни и републички натпревари – најмногу 5 поени (на ученикот му се вреднува само една диплома која носи најмногу поени);
- за средна вредност од поените за поведение од шесто до деветто одделение најмногу 5 поени (примерно поведение 5 поени, Добро 3 и Незадоволително 0 поени).



