Завршени се градежните работи на Црквата „Св. Воведение на Пресвета Богородица“ во с.Шлегово

Храмот на „Св.Воведение на Пресвета Богородица“ се наоѓа во центарот на с.Шлегово, кој е оддалечен од Кратово три километри југоисточно. Црквата е обновена во 1861 година со донација на самите жители на селото. На самото место постоела постара црква, која во 1689 година, во времето на Карпошовото востание била разрушена.

Деновиве завршија и градежните работи околу санацијата на црквата од страна на фирмата „Моноградба“ ДООЕЛ Прилеп и тоа: извршена е демонтажа на постоечки покривач од камени плочи, поставена е нова дрвена кровна конструкција со дрвени греди, поставена е парапропусна фолија, летви во два правци, покриена е црквата со керамиди и капаци, а исто така и изработено е и плато околу црквата со камени плочи од кровот.

За овие извршени работи за санација на црквата направено е со финансиска подршка на ЕЛС Кратово и МПЦ Кумановско – осоговската епархија.

Одбележена е со својата камбанарија, која се забележува од далеку со својата убавина и необична градба. Камбанаријата е сместена на почетокот на стрмната уличка која води кон горното маало на селото.

Материјалните докази што се среќаваат во црквата потекнуваат од 14 век кога Деспот Оливер изградил 80 цркви во градот Кратово и неговата околина. Внатре во самата црква се среќаваат икони од 16 век кои се пренесени од некогашната црква којашто се наоѓа во местото Манастир, не многу далеку од Шлегово.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin