Шопската свадба – село Куклица 2016

На локалитетот „Камени кукли“, во кратовското село Куклица, денеска се одржа второто издание на Шопската свадба, манифестација која прераснува во вистинска туристичка атракција. Пред околу 2.000 гости, невестата Даниела Ангеловска од Кратово и зетот Александар Петров од Неготино ги направија сите обичаи карактеристични за шопската свадба. Невестата пристигна качена на коњ, а тазе бричениот зет ја побара за сопруга од мајката на Даниела, која потекнува токму од Куклица.

– Пресреќна сум што јас, како мајка на невестата, потекнувам и пораснав во Куклица, и еве дочекав да ги видам ќерка ми и зетот во свадбени носии, како ја обновуваат традицијата на моите баби и дедовци. Ме радува што голем број туристи дојдоа да ја видат шопската свадба, која има потенцијал уште да расте – истакна Јованка Ангеловска, мајка на невестата.

Интересен момент на шопската свадба е китењето на зетот со пари, кога поголем дел од гостите редеа банкноти врз носијата на младиот неготинец. Специјални гости на манифестацијата беа музичарите и игроорците од ансамбл „Македонија“, кои имаа подготвена кореографија за овој настан.

Значењето на овој културен настан го препознаа од полската амбасада, а лично амбасадорот Јацек Мултановски беше кум на младите. Организаторот на свадбата, здружението „Етно ризница“, за наредната година најави уште побогата манифестација, која ќе привлекува посетители од целиот Балкан.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin