Посета на кинеска делегација од градот Џинченг во Општина Кратово

Висока кинеска делегација од градот Џинченг вчера и денес е во посета на општина Кратово, каде оствари средба со првите луѓе во локалната самоуправа и локалната бизнис – заедница. По ланската посета на кинескиот амбасадор во Кратово, градоначалникот Мите Андоновски побарал некоја помала кинеска општина со која може да се оствари плодна соработка. Кинескиот амбасадор се држел до ветеното и викендов во Кратово ги донесе гостите од двомилионскиот Џинченг, бидејќи помала општина не можел да најде. Со оваа анегдота и во топла пријатна атмосфера започна средбата во хотелот „Кратис“, каде домаќините се погрижија да им обезбедат традиционален кратовски ручек, зачинет со звуците на кратовските тамбураши и локалните игрaорци.

 15069107_1392935590751458_1142706412081677993_o

Вчерашниот ден Кинезите го искористија да го посетат кратовскиот Музеј, да разгледаат две од шесте кратовски средновековни кули, уживаа во прекрасните седумвековни кратовски борови. Го посетија легендарниот Радин мост, црквата Свети Јован, стадионот на кој настапува ФК Силекс, а беа воодушевени од локалитетот Камени кукли во Куклица.15110366_1392935977418086_7740452725121442916_o

На средбата во Локалната самоуправа беа направени почетните контакти, при што на гостите накратко им беа претставени ресурсите и условите што им стојат на располагање за инвестирање во Кратово.
Кинеската делегација посочи дека Џинченг е сличен на Кратово, во смисла дека и таму рударството и туризмот се основни гранки на кои се потпира развојот на градот.

15167494_1392935694084781_5027793961006455053_o

На свечената вечера, домаќин на Кинезите им беше стопанственикот Љубисав Иванов – Ѕинго, кој посочи дека во минатото неговите компании имале плодна соработка со кинеските, и дека би сакал таа соработка во бизнис-сферата да биде обновена. Посочи дека кратовскиот регион е еколошки незагаден и може да понуди еколошка вода и прекрасно вино за богатиот кинески пазар. Акцент беше ставен и на туристичките потенцијали на Кратово, како можна дестинација за кинеските туристи.

Очекувањата во кратовската Локална самоуправа се дека во блиска иднина ќе дојде до плодна соработка, во интерес и на двете општини.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin