Јавното мислење за проблемот со загадувањето на воздухот

За мнозинство од граѓаните на Р. Македонија (82%) загадувањето на воздухот е многу сериозен проблем и за истиот треба веднаш да се преземат мерки за решавање.

Иако сите се согласни за ова, забележливо е дека жителите на Југоисточниот регион и оние кои живеат во рурални средини не го доживуваат толку алармантно.

Гледано низ призма на етничка припадност, етничките Македонци ја оценуваат загаденоста на воздухот како сериозен проблем повеќе од етничките Албанци (86.1% наспроти 72.7%). Главен причинител за загадувањето на воздухот, за мнозинството граѓани е сообраќајот (31.5%). На второ место е индустријата која загадува (24.9%), додека пак греењето на домаќинствата е на трето место (11.5%).

За една петтина од етничките Албанци (20.3%) депониите се главен причинител за загадувањето на воздухот.

Пензионерите и вработените во јавниот сектор помалку од останатите сметаат дека индустријата која загадува е главен причинител за загадувањето на воздухот (11.% и 18.6%).

Скоро половина од граѓаните (45.7%) сметаат дека Владата е одговорна за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. Секој четврти граѓанин (27.2%) смета дека општинските власти се тие кои треба да преземат мерки за да се реши проблемот.

Одговорност кај граѓаните за решавање на проблемот со загадување на воздухот гледаат 11.8%, додека пак бизнис секторот е виден како одговорен од страна на 8.2% од граѓаните.

Вработените во јавни институции во помал процент од останатите граѓани сметаат дека Владата е одговорна за решавање на овој проблем (38.6%).

Решение на проблемот 21.8% од испитаниците гледаа во зголемување на зелената површина во градските подрачја, 19.1% во гасификацијата, а 18.8% во затворање на фабриките кои не ги исполнуваат еко стандардите. Забраната за возење во централните градски подрачја е решение за 10.2% од граѓаните. Граѓаните од Скопскиот регион во споредба со граѓаните од останатите региони многу повеќе го истакнуваат зголемувањето на зелената површина во градските подрачја (42%). Разлики постојат и помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Првите, повеќе избираат зголемување на зелените површини во градските подрачја (48.9% наспроти 23.4% кај етничките Албанци) и затварање на фабрики кои загадуваат (39.1%, наспроти 29.7% кај етничките Албанци).

Истражувањето го спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со теренска анкета (TAPI) во периодот од 16 до 27 јануари 2017 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Линк до истражувањето http://m-prospect.com/javnoto-mislenje-za-problemot-so-zagaduvanjeto-na-vozduhot/

За подетални информации побарајте ја Јасмина Михаиловска на тел. 070/348 983 или на е-пошта: jasmina.mihailovska@m-prospect.com

facebooktwittergoogle_pluslinkedin