Заврши третата „Шопска свадба“ во Куклица

Галичник ја има надалеку познатата Галичка свадба, а Кратово и селото Куклица ја имаат „Шопска свадба“, како културна манифестација која допрва треба да прерасне во препознатлив бренд. Благодарение на организаторот на манифестацијата, здружението „Етно ризница“, голем број посетители имаа можност да се запознаат со вековните обичаи и ритуали на шопската свадба. Невестата, младоженецот, кумот и сватовите одлично се вклопија во амбиентот на локалитетот „Камени кукли“, познат кај народот уште и како „Весела скаменета свадба“. Годинава се одржа сценска адаптација на „Шопска свадба“, во изведба на членови на Културно-уметничкото друштво „Ѓоко Симоновски“ од Куманово, бидејќи не се пријавија младенци на конкурсот објавен пред половина година.
Манифестацијата секоја година ја подржува локалната самоуправа на Кратово и градоначалникот Мите Андоновски, а поддршка има и од полската амбасада. Се поголемиот интерес на граѓаните говори дека оваа манифестација има иднина. Со звуците на гајдата и кавалот започна и заврши манифестацијата која во иднина треба да стане традиционална и да влезе во културната туристичка понуда на североисточниот регион. Оливер Арсовски

Фотогалеријата може да ја погледнете на Фан-страната на порталот АБЕРЏИЈА

https://www.facebook.com/pg/aberdzija/photos/?tab=album&album_id=10156670466773957

facebooktwittergoogle_pluslinkedin