После 24 светски фестивали „Исцелител“ и во Кратово

По осум месечната успешна фестивалска турнеја на филмот „Исцелител“ на светските филмски фестивали, филмот на 6-ти септември во 20 часот ќе се прикажува во Кратово.

По повеќе од 10 години ова ќе биде прва филмска проекција во Домот на култура во Кратово. Проекцијата ќе се случи на Денот на ослободување на Кратово заедно со уште неколку други културни настани.

Во текот на изминатите месеци„Исцелител“ беше прикажан во Скопје, Куманово, Битола, Кочани, Кичево, Прилеп, Штип, Велес, Богданци, Гевгелија, Неготино, Крушево, Св.Николе, Гостивар, Крива Паланка, Виница, Охрид, Струга, Дојран и Пробиштип, а во Скопје се одржа и проекција на отворено во Градскиот парк која имаше повеќе од 9000 посетители.

„Исцелител“ од својата премиера на 9-ти ноември досега, се прикажуваше на 24 светски филмски фестивали, од кои три беа од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, меѓу кои 5 беа за најдобар филм. „Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58 годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.

„Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, на двата најголеми фестивали во Кина, на фестивал во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу други европски филмски фестивали.

За филмот бравурозни рецензии објавија неколку од најзначајните светски филмски списанија меѓу кои и „Variety“, „Holywood Reporter“, „Screen Daly“ и „Senses of Cinema“, но и значајни балкански и македонски списанија.

Главните улоги во „Исцелител“ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

Исцелител

 

 

 

facebooktwittergoogle_pluslinkedin