По повод 24 февруари, ден кога Православната црква го празнува споменот на Св. Новомаченик Ѓорѓи Кратовски, патронот и заштитник на градот Кратово, Општина Кратово организираше тридневна празнична програма од културни и спортски активности

По повод 24 февруари, ден кога Православната црква го празнува споменот на Св. Новомаченик Ѓорѓи Кратовски, патронот и заштитник на градот Кратово, Општина Кратово организираше тридневна празнична програма од културни и спортски активности.

На 22 февруари 2019г. со почеток во 13ч. во Дом на култура „Лазар Софијанов“ во Кратово беше отворена фотографска изложба „По трагите на Св. Кирил и Методиј“. Пред повеќе од 80 лица присутни изложбата ја отвори  амбасадорот на Р. Словачка, г-н Хенрик Маркуш, проф. Стојан Лекоски и проф. Д-р Маја Тошиќ.  Дел од вкупно 34те дела се поставени во изложбениот простор на Музеј на град Кратово, каде што беше приреден и свечен коктел за присутните.

Истиот ден, со почеток во 14ч во Мултимедијалниот центар (Кино Сала) во Кратово на НУ Театарот за деца и младинци – Скопје гостуваа со театарската претстава „Лакомата меца“. Претставата во која се зборува за основните бон тон правила во јадењето и проблемите со кои се соочува главниот лик, лакомата меца, со големо внимание и радост беше проследена од околу 200 дечиња.

Вториот ден од празничната програма беше исполнет со спортските активности и музички настап на неколку бендови. Имено, во текот на саботното попладне, во големата градска спортска сала во Кратово се одржа финалето на турнирот во мал фудбал. Овој турнир традиционално се органзира по повод патрониот празник од страна на фудбалскиот клуб КМФ „Кратово“ од Кратово, под покровителство на Општина Кратово и годинава беа пријавени и учествуваа вкупно 10 тима од Кратово и околните општини. Истиот ден во малата спортска сала при ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово во организација на Пинг-Понг клубот Кратово се одржа и турнир во пинг – понг на кој учествуваа вкупно 18 лица. Додека во вечерните часови на Градскиот плоштад во Кратово со почеток од 20ч се оджраа музички настапи на Александра Јанева, женскиот бенд од Велес – „Тhe Chicks“ и бендот од Скопје „FEEDBACK BEND“. Ниските температури беа причина за мала излезеност на граѓаните на овој настан, но храбрите присутни уживаа во музичкиот репертоар.

На самиот празничен ден, со почеток во 8.30ч во храмот посветен на св.Ѓорѓи Кратовски беше одржана богослужба на која началствуваше Митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, а прославата продолжи на Градскиот плоштад каде што на пристуните граѓани и верници им се обрати Градоначалникот на општина Кратово, д-р Љупчо Бојаџиев и Митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, а на свеченото празнување свој допринос дадоа КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово и КУД „Тодор Јанев“ од Чашка. На свеченото празнување беа присутни и гости меѓу кои градоначлниците на општините: Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане, Лозово, како и претставници од Центарот за северо-источен плански регион и дипломати од Руската амбасада во Скопје. Пред спомен бистата на Св. Ѓорѓи Кратовски поставена во центарот на градот, градоначалникот на Општина Кратово д-р Љупчо Бојаџиев во придружба на присутните гости положи свежо цвеќе.

Последниот културен настан во рамки на празничната програма, промоција на стихозбирката „Светот во мене и светот до мене“ на Марија Моневска, се одржа во Музеј на град Кратово со почеток во 12ч. Промотор на книгата беше Панче Младенов, а песните беа претставени, односно читани од актерката Благица Димитровска. Атмосферата беше дополнително облагородена со музиката на Кратовските Тамбураши.

По завршувањето на овој настан, следеше свечен ручек во ресторанот „Кратовска куќа“.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin