Ученици од Кратово на Меѓународниот гастрономски фестивал Cook & Serve 2019 во Штип
Четиринаест ученици од угостителско – туристичката струка од СОУ „Митко Пенџуклиски“ – Кратово со нивниот ментор, професорот Младен Мицевски, со поддршка на Општина Кратово и локалните угостителски објекти на 10.05.2019г. (петок) ќе учествуваат на Меѓународниот гастрономски фестивал Cook & Serve 2019, што ќе се одржи на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Учениците ќе се натпреваруваат во повеќе угостителски категории: национално јадење сервирано на модерен начин (во тим и индивидуално), торти и карвинг, послужување на вино и презентација на мени, како и трка на келнери.
Овој фестивал нуди богати искуства за учениците и студентите од средните и високообразовните угостителски институции. Тоа значи дека учениците од Кратово ќе имаат можност покрај презентирањето на сопствените вештини, знаења и креативност, да се стекната и со нови знаења следејќи ги Мастер класовите за време на фестивалот, како и да се консултираат со врвни угостители и практичари од земјава и странство.
Да им посакаме среќа!