Информација за доделување стипендии на деца со попреченост

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Проектот, кој е финансиран од Европската Унија и трае од 1.09.2020 до 31.08.2023, има за цел да обезбеди целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, кои прераснуваат во институции отворени и пристапни за сите деца и посветени кон обезбедување квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби. 

Проектот ќе ги поддржува и зајакнува активностите на Владата, граѓанското општество, засегнатите страни и донаторите преку:

  • осмислување и спроведување на програма за стипендирање со цел подобрување на запишувањето и редовноста на 450 деца со попреченост во почетните одделенија на основното образование, првенствено во редовните училишта;
  •  спроведување кампањи за подигање на свеста и активности за промовирање на важноста на инклузивното образование, обезбедување национална и локална поддршка, инвестирање и посветеност кон создавање инклузивни средини за учење, елиминирање на бариерите и подобрување на приемчивоста на сите засегнати страни како и на пошироката јавност;
  • градење на капацитетите на раководството, наставниците, стручните служби и специјалните едукатори во 40 училишта и вработени од локалните самоуправи одговорни за образованието, со цел подобрување на нивното разбирање и капацитети за планирање и изведување на прилагодена и диференцирана настава, во согласност со најдобрите национални и меѓународни практики;
  • подобрување на пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост, преку инфраструктурни и технички подобрувања во 40 училишта кои се веќе посветени на создавање инклузивна средина за предавање и учење;
  • обезбедување туторска поддршка за ученици со попреченост вклучени во образовниот процес, со цел совладување на наставната програма и/или ИОП.

Во периодот кој претстои ќе отвориме оглас за стипендирање на 300 ученици со попреченост од и од II одделение за учебната година 2020-2021 и ќе ви бидеме многу благодарни доколку оваа информација јас поделите со родителите/старателите на учениците со попреченост или други заинтересирани страни, со цел да можат да го остварат своето право и да аплицираат за оваа стипендија. 

Огласот за аплицирање ќе биде објавен на 10ти септември и ќе биде достапен на веб страната на Фондацијата Чекор по чекор www.stepbystep.org.mk (во делот новости).

За сите дополнителни информации контактирајте на 072 307 326 или на: stipendii@stepbystep.org.mk

Дополнителна информација:

Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година)[1]: При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, како приход не се смета стипендијата.

[1]http://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/2019pravilnici/30.5-%20ostvaruvanje%20na%20garantirana%20paricna%20pomos.pdf

unnamed

facebooktwittergoogle_pluslinkedin