Со грант од 260.000 евра ќе се гради паркинг и ќе се реконструираат улици во Кратово

Министерството за финансии денеска со Кратово и Берово ги потпиша првите договори за грант средства за општините за подобрување на руралната инфраструктура, обезбедени од Европската унија преку ИПА програмата.
Кратово и Берово се првите општини кои ги завршија проектите кои се одобрени за финансирање. Преку програмата 78 општини во Македонија кои аплицирале со 141 проект ќе добијат 23 милиони евра, од кои 13,5 милиони евра се грант од ИПА, 4,4 милиони се од Буџетот на Република Македонија, а 5 милиони евра од буџетот на општините. Руралните општини ќе добиваат по 260.000 евра, додека урбаните по 120.000 евра грант кој треба да биде насочен за проекти во руралните делови од тие општини.

1
Општина Кратово добива неповратни 260.000 евра наменети за изградба на паркинг во градот Кратово, изградба на локалниот пат во населеното место Железница и реконструкција на собирната улица „Гоце Делчев“ во Кратово. Целосната инвестиција на проектот за Кратово е 298.000 евра од кои општината ќе обезбеди 38.000 евра.
– Ова се првите две општини што добиваат средства од европските фондови за реализација на значајни проекти, а ќе следи потпишување договори за грант и со сите 78 останати општини во Република Македонија кои поднесоа документација што етапно се разгледува, проверува и се комплетира. Очекувам во скоро време да овозможиме и во останатите општини да започне изградбата на значајни инфраструктурни проекти, рече вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.
Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека договорите за грант меѓу Министерството за финансии и општините Кратово и Берово се потпишуваат во рамките на Фондот за рурални инвестиции со вкупна сума од околу 20 милиони долари што се администрира од Светска банка, кофинансирана од ЕУ и Министерството за финансии.
– Речиси сите општини во земјата ќе имаат корист од овие фондови, а поголем дел од средствата ќе им се дадат на руралните општини за да се придонесе за регионален развој. Во Кратово и Берово ќе се спроведат вкупно пет проекти чија цел е да се подобрат сообраќајните услови и безбедноста на пешаците, како и пристапот до одалечените населби. Овие проекти не само што ќе го подобрат животот на граѓаните, туку ќе придонесат и за економскиот развој на општините, рече Орав.
Изрази надеж дека секое евро од грантовите кои доаѓаат од граѓаните на ЕУ ќе се искористи ефикасно за земјава да се приближи поблиску до ЕУ.
Градоначалникот на Кратово Мите Андоновски посочи дека средствата од грантот се од големо значење посебно за руралните општини.
– Средствата ќе се искористат за решавање на голем број инфраструктурни проблеми во општината со што ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните, рече Андоновски.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin