Туристи од Тајван учеа македонски ора во Кратово

1Големата желба за учење традиционални ора и танци ги натерала да минат околу 10.000 километри воздушен пат за да стигнат во Кратово. Звучи по малку фантастично, но ова бил главниот мотив на членовите на фолклорна група од Тајван, која деновиве престојува во нашата земја. Шареноликата група од 36 туристи, во која имаше дури и мајка со двегодишнио дете, ја прошетаа земјава во потрага по нови музички искуства. Нивната посета е резултат на соработката со македонскиот етномузичар Стефче Стојковски.-За прв пат оваа година ги носиме нашите гости од Тајван, Хонг Конг и воопшто гостите од Азија на семинарот за проучување на традиционална музика, игра и песна. Големо задоволство е да се видат гостите од Тајван како за кусо време ги научија македонските ора – вели познатиот македонски инструменталист Стефче Стојковски.

По посетата на Охрид, Вевчани, Скопје и Стоби, гостите два дена уживаа во убавините на Кратово и локалитетот Камени кукли во Куклица. Пред заминување за Бугарија, ја посетија и праисториската опсерваторија Кокино.

-Гостите од Тајван уживаа во убавините на Македонија. Најмногу им се допаднал Охрид, а изразија воодушевување од старата архитектура на Кратово. Беа воодушевени и од македонската музика и секоја прилика ја користеа да се фатат на оро – вели туристичкиот водич Лиде Стојановска.

 Домаќините од Кратово им организираа фолклорна вечер на која настапија локалното културно-уметничко друштво „Ефрем Каранов“ и музичка етно-група од Пробиштип.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin