Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и американскиот амбасадор Пол Волерс, денеска пред платото на Златкова кула во Кратово во присуство на Градоначалникот на општина Кратово, Мите Андоновски и директорот на Музеј на град Кратово, Драган Ѓеоргиевски го потпишаа Договорот за грант од 97 700 долари за реставрација на Златкова кула од Американскиот фонд за култура.
Ова е најголем грант досега што го доделува американската амбасада, а Златкова кула е трет споменик на култура од овој вид што ќе биде обновен и отворен за туристите. Во овој објект ќе биде сместен и Културно-информативниот центар и спомен соба со постојана музејска поставка посветена на 500-годишнината од смртта на Ѓорѓи Кратовски.
Министерката во своето обраќање се заблагодари за помошта и подршката на американската амбасада за македонското културното наследство и кажа дека со реализацијата на грантот за Златкова кула градот Кратово ќе добие дополнителна содржина кои ќе бидат туристичка атракција и за домашните и за странските туристи.
Амбасадорот Волерс истакна дека грантот Златкова кула е 12-ти проект од Амбасадорскиот фонд за културна заштита во Македонија, Кратово има богата историја, факт што им станува јасен на сите кои чекорат по историските улици и античките мостови на градот. Кулите се важен дел од таа историја. Среќни сме што можеме да ја реставрираме оваа кула ида ја вратиме нејзината оригинална убавина и сила така што и граѓаните на Македонија и странските посетители ќе можат да се вратат назад во времето и да ја почуствуваат историјата од прва рака, рече денеска амбасадорот Пол Волерс.



