Во општина Кратово беше одбележан 6-ти Септември

Во саботата (06.09.2014 год.) достојно беше одбележан Денот на ослободување на Кратово – 6-ти Септември. Оваа година во чест на јубилејот од 70 години од ослободувањето на Кратово и 70 години од ослободувањето на Македонија и одржувањето на АСНОМ, општината во соработка со Сојузот на борци од Кратово и Организацијата на резервни офицери на РМ приреди свечена програма. Програмата започна со полагањето на цвеќе пред Спомен костурницата каде им се оддаде достојна почит на оние кои ги дадоа и своите животи за слободно Кратово, а продолжи со положување на цвеќе и пред останатите спомен обележја на паднатите борци и револуционерни дејци од Кратово.

Во рамките на прославата беа отворени две изложби во Музејот на град Кратово изложбата „Кратово во НОБ“ и во Домот на култура изложбата со дела од детската ликовна колонија „Лазар Софијанов“.

Следување свечена Академија каде Градоначалникот на општината заедно со Претседателот на Организацијата на резервни офицери на РМ доделија признанија, благодарници и дипломи на заслужни граѓани од општина Кратово. Посебна чест беше да се видат преостанатите малкумина борци – учесници од НОБ, кои се здобија со вакви признанија и да се чујат прекрасните литературни творби на младите ученици посветени на „70 години од ослободувањето“ кои исто така беа наградени од ОРОРМ.

Крајот го украсија КУД „Ефрем Каранов“ и Кратовските тамбураши со нивните настапи.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin