71 година од смртта на македонскиот гемиџија, револуционер, публицист, прв министер за правосудство на Република Македонија – Павел Шатев.
Во чест на овој голем великан, македонски револуционер, политичар кој остави неизбришливи траги во македонската историја, денеска, петок (28.01.2022 година) во 11 часот оддадовме достојна почит и положивме свежо цвеќе на поставената спомен биста пред Основен суд во Кратово.
На панахидата за ликот и делото на Павел Шатев пред присутните претставници од општинската администрација, јавни и образовни установи, советници од Совет на општина Кратово, претставници од политички партии, граѓани, ученици зборуваше историчарот Александар Ефремов.
Павел Шатев е роден во Кратово во 15 јуни 1882 година (140 години од неговото раѓање). Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Со решеноста за саможртва во името на возвишените идеали Павел Шатев и останатите гемиџии себеси се поставија на почесното место во македонскиот пантенон на патриоти борци за слобода.
Во 1949 година Павел Шатев бил уапсен како потенцијален државен непријател. Подоцна тој бил малтретиран и измачуван, а по ослободувањето на Македонија, Шатев трагично го заврши својот живот на 69 години во битолската затворска болница во тешки услови. Погребан е на 30 јануари 1951 година на Светонеделските гробишта во Битола.