Граѓаните во општината ги основаат месните заедници заради остварување на уставното право на месна самоуправа, како облик на изразување на нивниот заеднички интерес и заради давање придонес за решавање на нивните секојдневни потреби во непосредната околина на подрачје за кое тие се основани и вклучување во системот на одлучување во локалната самоуправа.
Во општината се создаваат услови за основање на месните заедници, како битен елемент на општината и се овозможува на граѓаните да придонесуваат за нејзино подобро функционирање во целина, непосредно да ги согледуваат проблемите на заедничкиот живот во соседството, да расправаат за можностите за нивно решавање, да донесуваат одлуки и да здружуваат средства, како и непосредно да се ангажираат во спроведувањето на заеднички донесените одлуки.
Mесните заедници работат во рамките на правата утврдени со Статутот на општината, одлуката за основање, одвие правила и делегираните надлежности од градоначалникот на општината.
РАБОТИ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Надлежности на месните заедници се:
- разгледување и заземање ставови за прашања од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
- утврдување предлози за прашањата од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
- одлучување за одделни прашања што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на општината и органите на државната власт.
Граѓаните во месната заедница расправаат, даваат иницијативи за донесување одлуки и други прописи, даваат иницијативи за остварувањето на заедничките интереси, им даваат предлози на надлежните органи и преземаат мерки за разрешување на локални и проблеми областа на:
-
комуналните дејности (снабдувањето со вода и одведувањето на отпадните води, одржување на хигиената и зеленилото, изградбата и одржувањето на патната мрежа, уредувањето и одржувањето на гробиштата во селата и др.);
-
заштитата на животната средина (заштита од загадување на водата, воздухот и почвата, заштита од прекумерна бучава и др.);
-
урбанистичко уредување на просторот;
-
јавниот превоз на патници;
-
образованието, здравството и социјалната заштита;
-
културни, забавни и спортски манифестации и одржувањето на објектите од јавен интерес;
-
развивањето на добрососедските односи;
-
снабдувањето со стоки и услуги, како и заштитата на потрошувачите;
-
други прашања од секојдневно значење за животот и работата на граѓаните.
ПОДДРШКА НА РАБОТАТА НА МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА
Месните заедници работите од своја надлежност ги извршуваат со стручна, техничка и материјална подршка од општината.
Стручната подршка подразбира подготовка на планови, проекти и други материјали со кои месните заедници покренуваат решавање на прашања од интерес на граѓаните на нивното подрачје.
Техичката подршка подразбира составување, обработка и умножување на материјали, употреба на технички средства и помагала за административно работење и комуникација.
Материјалната подршка подразбира обезбедување работни простории и опрема, надоместоци за комунални давачки и материјални средства за набавка на ситен и потрошен материјал.
Подршката на работата се обезбедува и преку дополнителни контакти на претставниците на месните заедници со државните службеници од општинската администрација.
Подршка се обезбедува и преку задолжително присуство на раководни државни службеници од општинската администрација на собири и седници на совет заради давање стручно појаснувања и образложенија на материјали за кои се расправа.
СОРАБОТКА МЕЃУ МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Месните заедници од подрачјето на општината остваруваат меѓусебна соработка и поврзување за остварување на заеднички цели и интереси.
Меѓусебната соработка се остварува преку
- покренување на заеднички иницијативи до општината за решавање на прашања од нејзина надлежност,
- меѓусебно договарање за единствен приод во разрешување на прашања од заеднички интерес,
- размена на искуства од своето работење.
Меѓусебната соработка се остварува со организирање на средби на претставниците на Месните заедници, заеднички седници на советите и на работните тела.
Заедничките иницијативи на месните заедници до општината за решавање на прашања од нејзина надлежност се покренуваат со усвојување на идентичен текст на иницијативата, од страна на месните заедници.
Месните заедници од подрачјето на општината можат да соработуваат и со месните заедници од подрачјето на соседна општина.
Месната заедница е должна да ја извести општината за остварена соработка со месната заедница од друга општина ако соработката е остварена за прашање од надлежност на општината.
ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ВО МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Советот е должен редовно да ги информира граѓаните за покренатите иницијативи, за прашањата за кои непосредно одлучува како и за активностите што ги презема, а што се од значење за граѓаните.
Информирањето на граѓаните се врши преку соопштенија истакнати на погодни места, преку средствата за јавно информирање или друг погоден начин.



